Повеќе вода - повеќе здравје

Нема јасни научни докази што би потврдиле дека здравиот човек мора да пие многу вода, напротив, тоа во некои случаи може дури да биде и штетно.

Покрај тоа, не е познато врз основа на што всушност се темели тврдењето дека здрав човек мора да испие осум чаши вода на ден, велат двајца американски нефролози, пренесува Макфакс.

Големото количества вода наводно е корисно за се - од чистење на организмот од токсични материи и зачувување на здравјето на органите, па до намалување на вишокот килограми и подобрување на изгледот на кожата. Меѓутоа, доказите кои го потврдуваат ова се многу слави, покажа новото истражување објавено во списанието на Американското здружение на нефролозите.

“Поради урбаниот мит според кој е здраво да се пие големи количества вода, некои луѓе по цел ден со себе ’влечат“ пластични шишиња и се ’налеваат’ со вода“, вели Стенли Голдфарб од универзитетот Пенсилванија.

Голдфарб и неговиот колега Дан Негоиану ја проучиле научната литература за поволните ефекти од пиењето големи количества вода. Притоа, тие разоткриле четири митови.

Првиот дека големото количество вода го намалува апетитот зашто нема доволно докази. Водата што се пие се апсорбира многу брзо и таа поминува низ системот за варење, при што малку е веројатно дека водата може да засити така како што велат, а нема да предизвика ниту отпуштање на хормоните што го намалуваат апетитот, велат научниците.

Вториот мит е дека со внесување на големи количества вода се чисти организмот од токсични материи. “Бубрезите, всушност, на тој начин не работат. Кога пиете многу вода, на крајот само мокрите повеќе, но то ане значи дека сте го зголемиле лачењето на различните материи што се лачат со урината“, вели Голдфарб.

Третиот мит е дека водата ја намалува главоболката. Доказите покажуваат дека тоа не е точно.

Четвртиот е дека водата го подобрува изгледот на кожата. “Нема податоци што би го докажале тоа“, додава Голдфарб.

Овие научници пронашле цврсти докази дека луѓето кои живеат во топлите региони, како и спортистите, заболените од одредени болести, како што е камен во бубрегот, имаат поголема потреба од вода, а можат и да имаат корист од зголемените количества, но такви докази не се пронајдени за просечните, здрави луѓе.

Покрај тоа, нема рационални темели за раширеното верување дека луѓето мора да испијат осум чаши вода на ден и дека не е јасно кои се воопшто изворите на таквата препорака.